Легендарниот вокалист на хрватскиот бенд „Парни ваљак“, Аки Рахимовски, кој почина лани на 67-годишна возраст во Словенија, почива во несредено гробно место за кое семејството не се грижи. Тоа се дел од обвинувањата кои се актуелни деновиве, а кои ги поттикна музичарот Ненад Шоне, во група посветена на Рахимовски.
По реакциите кои ги предизвика веста дека никој од семејството, односно синот Кристијан од првиот и ќерката Дина од вториот брак, ниту пак третата сопруга Барбара која живее со нивната најмала ќерка во Словенија, не му подигнале надгробна плоча на музичарот, јавно се огласи неговиот син. Кристијан, кој и самиот тргна по стапките на татко му и се занимава со музика, појаснува дека е точна информацијата дека се уште не е подигнат споменик, но според него, тоа е бидејќи истиот се уште бил во фаза на изработка.
-Барав да се затвори групата чиј администратор е Ненад Шоне, бидејќи откако тој објави непроверена информација, и создаде впечаток дека семејството не се грижи за гробното место на татко ми, добив многу пораки. Ненад не е член на нашето семејство, и не е упатен во деталите за изградбата на споменикот. Точна информација е тоа дека споменикот наскоро ќе биде готов. Гробното место на татко ми е секогаш уредно и го одржуваат членови на нашето семејство. Во заштита на споменот на татко ми, побарав затворање на интернет групата- информира Кристијан.
Инаку, Аки Рахимовски е роден во Ниш, но пораснал во Скопје. Неговата мајка Ана почина неколку месеци по него, во дом за стари лица во Скопје. Како што раскажаа негови блиски, веднаш по неговата смрт, тој планирал да дојде во Скопје и да ја посети, неколку дена пред ненадејно да почине. Кристијан пак, за прв пат дојде во Македонија годинава во јануари, неколку месеци по смртта на Аки.
Тогаш изјави дека бил во посета на баба му, но исто така го посети и гробот на Тоше Проески во Крушево, заедно со министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Вики Клинчарова