Обвинувања за изборни злоупотреби во Гостивар, што откриваат снимките?

Од АА тврдат дека документирале изборен поткуп во кој учествува висок функционер во едно министерство, но од ДУИ демантираат.

by Фокус

Во пресрет на вториот изборен круг од локалните избори, зачестуваат обвинувањата за изборни нерегуларности, кои најголем интензитет добиваат во битката за градоначалник на Гостивар меѓу Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и Невзат Бејта од ДУИ. Откако Таравари ја обвини ДУИ за злоупотреба на институциите и поткуп на гласачи, Бејта возвраќа дека токму актуелниот градоначалник купувал гласови.

Инаку, во првиот изборен круг на прво место заврши Таравари, кој освои 15.724 гласови, или 2.534 повеќе од Бејта, кој освои 13.190 гласови. Уште откако беа познати првичните резултати после затворање на гласачките кутии во недела навечер, Таравари најави победа, доколку, како што рече, ДУИ не направи „некакви малверзации во општинската изборна комисија“.

На крајот, Таравари за малку не го постигна цензусот од 50 отсто за победа во прв круг, поради што ќе се соочи со Бејта во вториот круг, овојпат без други противкандидати. Но, меѓу двата изборни круга, актуелниот гостиварски градоначалник продолжи да испорачува обвинувања на сметка на ДУИ за изборни притисоци, изборен поткуп, па дури и насилство.

Вчера, тој изјави дека полициската станица во Гостивар е претворена во втор штаб на ДУИ, а воедно, додаде тој, постоеле и снимки за изборни злоупотреби. Притоа, не сакаше да открие детали за какви снимки станува збор, но, како што неофицијално велат од неговата партија за Фокус, успеале да документираат изборен поткуп во кој учествува висок функционер во едно министерство, поставен како кадар на ДУИ.

Од партијата на Таравари и Зијадин Села велат дека овие снимки ги доставиле во неколку институции, вклучително и до претседателот на државата Стево Пендаровски. Се обративме до кабинетот на Пендаровски, од каде велат дека до овој момент не пристигнал никаков материјал. Кога ќе пристигнат такви снимки, нагласуваат од таму, веднаш ќе бидат препратени до Јавното обвинителство како надлежна институција.

Кандидатот за градоначалник од ДУИ Бејта, пак, ги отфрла обвинувањата од политичките конкуренти дека тој и неговата партија се обидуваат нечесно да ги добијат изборите за градоначалник на Гостивар. Тој кусо ни изјави дека ако постојат снимки за некакви изборни нерегуларности веднаш треба да бидат објавени. Според него, такви методи на поткуп применувал токму Таравари.

Покрај тоа, Бејта посочува дека Таравари успеал да направи разлика во првиот круг со помош на над 4.000 гласачи на ВМРО-ДПМНЕ, кои, според него, во вториот изборен круг нема да бидат мотивирани да излезат во ситуација кога не се гласа за партиски советнички листи. Затоа, поранешниот гостиварски градоначалник во два мандати очекува дека ќе направи пресврт во вториот круг и дека ќе стане градоначалник по третпат.

В.С.

Поврзани новости