Миа Димшиќ е хрватската претставничка на Евровизија 2022, која ќе се натпреварува со песната ,,Guilty Pleasure”, во Италија, откако победи на музичката манифестација ,,Дора”.
Но, само неколку часа по прогласувањето на победата, започнаа обвинувањата од страна на хрватската јавност, дека нејзината песна е премногу слична со хитот ,,Willow” на светски познатата Taylor Swift.
Бурни реакции и обвинувања дека годинава Хрватска ќе ја испрати на Евровизија ,,Нискобуџетна копија на Свифт” се актуелни по повод изборот на песната, на што младата Миа одговара дека и покрај се, споредбите со ѕвездата и се комплимент.
-За мене Свифт е најомилена пејачка и автор! Секоја нејзина изјава, начин на живот, одлучност, животен пат, за мене сето тоа е голема инспирација. Затоа и сите споредби со неа и нејзината музика за мене се комплимент! –изјави хрватската претставничка за тамошните медиуми.
Таа го напишала текстот и музиката за победничката песна, со помош на Вјекослав Димтер и Дамир Бачиќ, а аранжманот е на Анте Гело. И во минатото Миа често беше споредувана со Свифт, како и нејзините песни кои имаат модерен американски кантри звук.
-Од Свифт научив најмногу за пишувањето, таа ми е идол уште од средношколските денови-раскажа Димшиќ, а пак коавторот Дамир Бачиќ на обвинувањата одговори дека ниту една нота од ,,Guilty Pleasure” нема допирна точка со ,,Willow”. -Се работи за наша авторска песна, можеби некого го потсетува на песните на Свифт, но не само што не станува збор за копија, туку не се совпаѓа ниту една нота или тон – појасни Бачиќ.
Вики Клинчарова