Основното јавно обвинителство Скопје отвори предмет за статус на социјалната мрежа Фејсбук, објавен од лидер на политичка партија, по пристигнато известување од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи.
Како што неофицијално дознаваме станува збор за лидерот на „Левица“, Апасиев. Тој кога стана јасно дека влегува во Парламент, објави статус: „Џабе ни се лижете. Сите ќе ве стреламе“.
– Истовремено за истото лице пристигнаа две кривични пријави, поднесени од здружението на граѓани Хелсиншки комитет за човекови права и две физички лица, а се однесуваат на друг статус објавен на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер, се вели во соопштението од ОЈО.
Основното јавно обвинителство Скопје по оформување на предметот, издаде наредби за електронско документирање на сите спорни статуси од социјалните мрежи кои ги објавил пријавениот, до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи. Воедно, во насока на утврдување на фактите, надлежниот јавен обвинител го повика пријавеното лице да даде исказ во обвинителството.