Обвинителството за организиран криминал политички или правосуден орган?

by Fokus

Обвинителството на Катица, обвинителството на Вилма, Јово или Марко , онака како ги нарекуваа обвинителствата низ годините создаде чувство на семоќ, незаменливост и вечност кај првите луѓе на обвинителството кои се однесуваа како шерифи.

Пишува: Звонко Давидовиќ

Се случи и дебата на кандидати за шеф на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција благодарејќи на новинарот Кристијан Ландов.

Дебатата само го покажа она што постојано се тврди во јавноста дека политиката е длабоко навлезена во обвинителството и дека истата стои зад секој избор на обвинителите.

Ова го потврдија сите кандидати предлагајќи реформи и искажувајќи лична заложба политиката да не влијаее повеќе во обвинителството и одлуките на обвинителството, а досегашната шефица тоа го потврди кога ја цитираше легендарната мисла од Среќна Нова 1949.

Признавајќи дека опозицијата никогаш не ја запишала, а позицијата ја отпишала призна дека некогаш кај позицијата била запишана и дека истата, позицијата, стоела позади нејзиниот избор.

Истото своевремено го потврди во многу прилики и бившиот премиер кој во своите јавни настапи ја информираше јавноста за текот на истрагите кои според законот се тајни. Сево ова , а и многу други работи за кои сме пишувале до сега, ја покажуваа спрегата помеѓу политичката партија која е на власт и обвинителството.

Ова не е ништо ново на македонската политичка и правна сцена затоа што еднаква спрега имаше помеѓу првиот шеф на ова обвинителство и партијата која тогаш беше на власт.

Дури политичката партија ВМРО , тогаш на власт, во тој период во печатениот примерок на отчетот набројуваше судски предмети од организиран криминал како завршени и покрај тоа што еден дел немаа ни првостепена пресуда.

„НА ИСТОКУ СТАРЕ ПРИЧЕ, НА ЗАПАДУ НИШТА НОВО”

Наместо мислата за исток и запад која Вилма ја цитираше од Среќна Нова  многу посоодветна е онаа “на истоку старе приче, на западу ништа ново”.

Покрај неелоквентноста, збунетоста и недореченостите кандидатите во оваа дебата ја потврдија и некадарноста на еден дел од јавните обвинители кои, како самите изјавија, незнаат што е злоупотреба, ниту некогаш ќе научат па со месеци ги држат предметите во фиока.

Она што е најинтересно е дека и покрај некадарноста и незнаењето на тие обвинители, шефот на обвинителството никогаш не покренал постапка за нив и покрај тоа што е должен тоа да го стори. Таквото незнаење и непостапување по предметите е дисциплинска повреда и претставува нестручно и непрофесионално постапување за што санкцијата може да биде и разрешување.

Непревземањето на мерки против таквите обвинители е исто така нестручно и непрофесионално постапување од страна на раководното лице кое одговара за законито, професионално и стручно работење на органот. Повикување на чувства и колегијалност во таквите ситуации е дегутантно и лицемерно и покажува некадарност за раководење со овој орган.

Впрочем овде се работи за човечки судбини кои со секое дејствие или пропуштање на дејствие се упатуваат во еден или друг правец што драстично ги менува животите на луѓето. Треба да се раководи според словото на законот и кодексот а не според емоциите и симпатиите.

Токму ваквото замижување и затварање на очи пред проблемите и нивно нерешавање за последица го има никаквиот рејтинг на обвинителството.

Уште една од слабостите кои ја искажаа кандидатите е персонификација на обвинителството и негово претопување  во една личност. Тоа е нешто што е многу опасно и лошо за обвинителството и што се покажа како такво и во изминативе децении.

Обвинителството на Катица, обвинителството на Вилма, Јово или Марко , онака како ги нарекуваа обвинителствата низ годините создаде чувство на семоќ, незаменливост и вечност кај првите луѓе на обвинителството кои се однесуваа како шерифи.

Покрај ова, ваквото претопување на целото обвинителство во една личност го омаловажува, негира и намалува придонесот и работењето на другите обвинители од обвинителството кои предано и вредно ја работат својата работа за која некој друг ги собира поените и пофалбите.

Обвинителската работа е тимска работа и успесите се производ на тимска работа па не е ниту професионално ниту колегијално нивниот труд и успех, а со тоа и квалитетите да бидат маргинализирани и непознати на јавноста.

Обвинителската работа е сериозна и одговорна работа која бара голема одговорност, откажување и вложување на голем труд, бара отчетност и транспарентност, професионален и морален кредибилитет, постапување според секоја буква од законот без симпатии или омраза, без двојни аршини и селективност, а само човек со сите тие квалитети ќе може квалитетно да го раководи ова обвинителство..

Поврзани новости