Обвинителството во Софија отвори предистражна постапка за уривањето на авионот „цесна“ кај Солунска глава на 2 април кога загина четиричлено семејство од Бугарија.
Софиското обвинителство соопшти дека ќе бидат сослушани вработени во дирекцијата за конзуларни односи во бугарското МНР, кои се запознаени со случајот, како и претставници на надлежните за цивилниот воздушен сообраќај во Северна Македонија, во врска со информациите за силна турбуленција и за изгубена контрола на пилотот врз воздухопловот, пренесува Бгнес.
Обвинителството ќе побара информации за спроведените експертизи во Македонија, а се разгледува и можноста за дополнително утврдување на евентуален дефект на авионот.
Истрага за авионската несреќа почнаа и надлежните во Македонија. Формирана е комисија за истражување на несреќата во која покрај претставници на Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти – КИНСИВ, ќе бидат ангажирани и надворешни експерти од доменот на цивилното воздухопловството.
Во координација со властите во Софија, договорено е дел од комисијата да бидат и двајца бугарски истражители.