Обвинителството проверува пет фирми на чии портали се рекламирала ВМРО-ДПМНЕ за изборите

by Fokus

Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција заедно со Одделот за организиран криминал во МВР влегле утринава во неколку фирми кои основале портали преку кои, според сомневањата, раководството на ВМРО-ДПМНЕ злоупотребило пари на граѓаните во кампањата за предвремените парламентарни избори на 15 јули. Одделот за организиран криминал во МВР постапил по допрен глас и н нивно барање се издадени наредби од Обвинителството за организиран криминал, објави СДК.МК.

По наредба на обвинител, фактури во врска со ова ненаменско трошење на пари од граѓаните, ќе се земат и од Државната изборна комисија, а докази ќе се бараат и во Агенцијата за аудиовизуелни и медиумски услуги.

Сомневањата, како што дознава СДК.МК, се дека е прекршен членот 76-д од Изборниот законик кој пропишува дека сумата која може да се исплати на еден електронски медиум и печатени медиуми, од страна на еден учесник во изборниот процес, во случајов ВМРО-ДПМНЕ, не може да биде повисока од 15 илјади евра без пресметан ДДВ.

Обвинителството се сомнева дека партијата направила злоупотреби на штета на Буџетот на РСМ, од каде што се финансираат кампањите, со тоа што платила политичко рекламирање на интернет портали кои постојат кратко време и се со мала посетеност. Порталите, според сомневањата, биле формирани наменски пред изборите, без импресум, адреса седиште и што е најважно, немале ценовник за рекламирање на партиите.

Неофицијално, станува збор за порталите lady.mk, srekja.mk, gradina.mk, indigo.mk, visitskopje.mk, ekran.mk, biznisvesti.mk, makpress.mk, times.com.mk, кои што се во сопственост на три фирми од Скопје.

Дознаваме дека шефицата на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска ќе ги проверува и наводите за слични  злоупотреби на други две парламентарни партии.

Поврзани новости