Обвинителството потврди: Истрагата за „Пациент“ е затворена, образложение утре

by Frosina Fakova
Откако вицепремиерот Бујар Османи објави дека Обвинителството ја затворило истрагата  за случајот „Пациент“ во која осомничен беше и тој, од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, за „Фокус“ ја потврдија информацијата, но не соопштуваат детали зошто донеле таква одлука.
-Истрагата за предметот „Пациент“ е затворена. Образложение на што се темели одлуката Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе сподели утре, велат од Обвинителството.
Оваа истрага ја отвори, сега веќе згаснатото Специјално јавно обвинителство во ноември 2018, а ја обелодени тогашната специјална обвинителка, Катица Јанева која сега е осудена, на едно нејзино телевизиско гостување. Со оваа истрага СЈО сакаше да испрати порака дека ниту функционерите на ДУИ не се амнестирани во ова Обвинителство.
Предметот го водел тогашниот обвинител во СЈО, Трајче Пеливанов кој сега не сака да коментира за затворањето на истрагата. – За сите информации што ве интересираат обратете се до надлежното Јавно обвинителство, ни одговори обвинителот Пеливанов.
По згаснувањето на СЈО и апсењето на Јанева, сите предмети од СЈО преминаа во редовното Обвинителство и засега нема информација дека некоја истрага којашто била почнато во СЈО резултирала со обвинение.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи беше меѓу осомничените во истрагата „Пациент“ и се товари дека како министер за здравство одобрил незаконски јавни набавки за градежни работи во повеќе болници низ Македонија со што го оштетил буџетот од 500 илјади евра.

Наместо да изберат најповолна понуда, ја избрале фирмата ГБС Благоевград, иако била поскапа од другата фирма што аплицирала на тендерот.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости