По пријава на Управата за финансиска полиција, Обвинителството за гонење на организиран криминал постапува во однос на изградбата на новиот културен дом во Тетово. Истражувањето на „Фокус“ откри објектот се градел според менуван проект, дека надзорот бил ангажиран за багатела, а во тендерот за втората фаза биле елиминирани реномирани странски компании. Како што објавивме, договорите поврзани со проектот чинат над 36 милиони евра, додека досега се исплатени нецели 22 милиони евра.
Влатко СТОЈАНОВСКИ
На почетокот на месецов, неделникот „Фокус“ објави истражување за новиот културен дом во Тетово, кој почна да се гради во 2014 година, со најава дека ќе биде готов за 3 години и ќе чини 13 милиони евра. Меѓутоа, десетина години подоцна, овој проект се уште не е комплетиран, а последниот рок кога тоа треба да се случи е поставен на крајот на 2025 година.
Инаку, 13 милиони евра е сумата само на склучениот договор во 2014 година за градежно-занаетчиски работи, бидејќи неколку години подоцна, односно во 2021 година, се склучува уште повреден договор од 23 милиони евра за внатрешно опремување на објектот. Дополнително, овој проект „изеде“ државни средства и за изработка и дополнување на проектот, ангажирање надзор итн.
Па, кога ќе се собере сето тоа, произлегува дека овој сѐ уште недовршен објект, кој се гради веќе цела деценија, надминува 36 милиони евра. Сепак, од Министерството за култура не информираа дека за проектот досега се издвоени, односно потрошени 21,7 милиони евра.
„Проектот се спроведува од страна на НУ Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово, и како инвеститор на овој објект врши увид и контрола на реализацијата и динамиката на проектот. Од информациите кои редовно ги добива Министерството, од следењето на реализацијата на Инвеститорот, доставува Информации до Владата“, велат од Култура.
Во првата сторија објавивме дека Финансиската полиција отворила истрата за договорот со тетовската компанија „Урбан План Конструктион“ од 13 милиони евра за градежно-занаетчиски работи на објектот, кој почна да се гради во 2014 година. Исто така, во 2018 година е запленета и документацијата од постапките во чии рамки се склучени договори со „Архинг Груп“ за проект и со „Градежен институт Македонија“ за ревизија во вредност од 442.000, односно 44.000 евра.
Токму овие тендери за изведба, проектирање и ревизија се меѓу постапките за кои нема објавено никакви информации на Бирото за јавни набавки, ниту некакви податоци ни доставија од „Иљо Антески Смок“ по нашите барања согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од причина што, како што не известија, документацијата е одземена од Финансиска полиција со записник изготвен во 2018 година.
Во меѓувреме, ни стигна одговор и од Финансиската полиција, од каде ни посочија дека преземаат мерки и активности кои се однесуваат на утврдување на сомненија за сторени кривични дела во нејзина надлежност. Сепак, додаваат дека сите дејствија преземени во рамки на предистражна постапка се сметаат за тајна.
„Ве информираме дека од страна на Управата за финансиска полиција е постапувано по предметот кој е од Ваш интерес, и во рамки на надлежностите согласно Законот за финансиска полиција и Законот за кривична постапка од наша страна е доставен соодветен поднесок до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, велат од таму.
Оттука, се обративме и до Јавното обвинителство, од каде, пак, денес не информираа дека надлежен јавен обвинител постапува по предметот. Од одговорот што го добивме произлегува дека обвинителството проучувало економско вештање за случајот, но доставило наредба за негово дополнување, по што ќе знае судбината на предметот.
„Надлежен јавен обвинител кој постапува по предметот, откако го проучи доставеното економско вештачење, донесе наредба за дополнување на истото, за што има доставено и ургенции. По добивањето на овој документ, кој е неопходен за расветлување на случајот, ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука“, велат од ЈО.
Додека Обвинителството ја испитува изградбата на објектот во Тетово, каде треба да бидат сместени театар и библиотека, во тек е реализација на уште еден милионски договор. Се работи за договор склучен во 2021 година за внатрешно опремување на објектот склучен со уште една тетовска компанија – „НБ-Цомпану“.
Како што пишуваше „Фокус“, на денот кога било закажано отворање на понудите, настапиле 4 компании – 2 странски и 2 домашни, поточно од Тетово. Арно ама, двете странски фирми воопшто не ја минале фазата на евалуација, односно биле дисквалификувани. На аукција заминале двете тетовски компании, кои, пак, одржале безмалку симболично наддавање.
Една од странските фирми била албанската „Пе-Вла-Ку“, за која пошироката јавност дозна по обелоденувањето на случајот со купувањето на деловниот центар „Соравиа“, каде што беше вмешан и внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети – Дрин Ахмети. Како што е познато, тој го купи атрактивниот објект во центарот на Скопје, во партнерство со „Пе-Вла-Ку“ без да вложи ниту денар.
Во рамки на тендерот за ентериерно уредување учествувала уште една странска компанија. Тоа е „Штрабаг АГ“, која важи за најголема австриска градежна компанија и една од највлијателните и најреномирани во овој сектор во цела Европа. Ниту ваквиот статус, ниту бројните референци не биле доволни за „Штрабаг“ да „преживее“ на тендерот, бидејќи не доставила документи за субјектите со кои соработувал.
Во таков случај, евалуацијата ја минале само 2 компании и на лицитација отишле „АК-Инвест“ и „НБ-Цомпану“ со првичните понуди како стартни позиции. Во случајов, тоа требало да бидат 1.197.885.392, односно 1.227.813.262 денари, кои биле поднесени при отворањето на понудите. Меѓутоа, Комисијата побарала објаснување од двете тетовски компании за невообичаено ниските цени.
Потоа, била извршена корекција на понудите. Практично, тоа е направено со т.н. исправање на аритметичка грешка, по што првичната понуда на „АК-Инвест“ од 1.197.885.392 станала 1.207.195.618 денари, а понудата на „НБ-Цомпану“ од 1.227.813.262 станала 1.230.545.077 денари.
Со новите цени, тие стартувале на електронска аукција, на која „НБ-Цомпану“ веднаш ја спуштил цената на 1.205.988.423 денари. Следно, „АК-Инвест“ намалил на 1.204.781.228 денари, по што „НБ-Цомпану“ реагирал со понуда од 1.203.574.033 денари. Тоа била и конечна цена.
Во рамки на ова истражување, објавивме и втора сторија, во која откриваме дека во текот на оваа 2023 година, или на половина од реализацијата на милионскиот договор на „НБ-Цомпану“ за опремување на новиот тетовски културен дом (2021-2025), поврзана компанија купула 2 бензиски станици покрај автопатот Скопје-Тетово.
Станува збор за „Ган-Логистик“, во сопственост на газдите на „НБ-Цомпану“, Бурим Ибиши и Насер Ибиши, како и на поранешниот службеник и раководител во Општина Тетово Кренар Ибраими. Документацијата што ја обезбедивме од Катастарот на недвижности открива дека годинава „Ган-Логистик“ купила недвижен имот пред влезот во главниот град од 2 компании.
Едната од нив е добро познатата нафтена компанија „Пуцко Петрол“ во сопственост на Асмир Јахоски, син на актуелниот пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски, која снабдува со нафта бројни државни институции и органи. Другата компанија, пак, е градежната „БИ Холдинг“, во сопственост на лице со исто презиме – Хана Јахоска.
Прво, на 23.03.2023 година бил склучен договор, со кој „Ган-Логистик“ од „Пуцко Петрол“ купува недвижен имот на катастарските парцели 204/1, 215, 197, 173, 172, сите во катастарска општина Арнакија. Земјиштето е со вкупна површина од 14.610 квадратни метри, но на него има деловен простор – комплекс бензиска станица со површина од 406 квадрати. За тоа тетовската компанија платила 3.776.000 евра.
Неколку дена подоцна, или на 29.03.2023 година, „Ган-Логистик“ склучил договор и со „БИ Холдинг“, со кој опфатени се уште неколку парцели во истата катастарска општина: 210, 206/2, 214, 203 и 199. Вкупно, земјиштето е 5.716 квадратни метри, а на него има деловен простор, односно бензиска станица од 351 квадрати, кои тетовската компанија ги купила за идентична сума од 3.776.000 денари со вклучен ДДВ.
На тој начин, „Ган-Логистик“ на браќата Ибиши и поранешниот општински службеник Ибраими купила од 2 компании на семејството Јахоски земјиште со вкупна површина 20.326 квадрати и деловен простор со вкупна површина од 757 квадрати за вкупна сума од 7.552.000 евра, што ќе му дојде дека тетовската компанија платила околу 370 евра за квадрат земјиште што оди во пакет со 2-те бензиски станици.
Иако „НБ-Цомпану“ е водечка семејна компанија, која има најголем обрт средства, сепак, најголем недвижен имот поседува сестринската „Ган Логистик“, која има само двајца вработени. Освен најновиот инвестициски зафат во 2 нови бензиски, оваа компанија поседува недвижности преку 16 имотни листови во разни општини, додека има прибелешка на дополнителен имот на уште над 100 имотни листови.