Обвинетите Фарук Бути, Весна Колевска и Бранислава Мишиќ да се прогласат виновни за случајот „Двојник”, побара денеска обвинителката Спасенка Андонова, како застапник на обвинителниот предлог во случајот со фалсификување на патните исправи.
Јавниот обвинител Андонова, во завршните зборови наведе дека отсуството на документи за идентификација не можело да помине незабележано од страна на обвинетиот Фарук Бути, кој имал долгогодишно работно искуство. Воедно, обвинителката истакна дека обвинетиот Бути, имал честа комуникација со сега осудените Денис и Раиф.
Од друга страна одбраната на обвинетиот Бути, побара ослободителна пресуда и додаде дека во време кога довербата во судството е на најниско ниво, судот е во позиција да ја докаже својата независност. Одбраната на Бути, исто така рече дека обвинителството не докажало дека е сторено наведеното кривично дело ,,злоупотреба на службена должност”. Според нив, ниту е наведена материјална корист за која обвинителството вели дека ја прибавил со издавање на невистинити патни исправи.
Според ОЈО Скопје, пасошите се издавале во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година. Биле издадени пасоши на 214 странски државјани и на еден македонски државјанин.