По информациите во јавноста дека на Институтот за јавно здравје вчера било намерно исклучено напојувањето со електрична енергија на коморите во кои се чуваат реагенсите за испитување на заразни и незаразни болести, Јавното обвинителство итно оформи предмет по допрен глас за да испита дали во конкретниот случај има обележја на кривично дело, информираат од Обвинителството.
-Поради сериозноста на можните штетни последици врз здравјето на луѓето што евентуално би биле предизвикани од еден таков чин, како и можноста да станува збор за кривични дела против државата како што се диверзија или саботажа, дежурните јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, заедно со истражители од истражните центри на обвинителството, излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија.
Се прибира документација, се вршат разговори со лица кои би можеле да имаат сознанија за настанот и се прават сите неопходни проверки, а за исходот од преземените дејствија јавноста ќе биде известена, велат од Обвинителството