Откако пред неколку дена апелациониот судија Енвер Беџети беше ставен на ,,црната листа” на САД, со образложение за мито и влијание поврзано со предметот ,,Таргет”, од Обвинителството информираат дека ги одзеле списите од Судскиот совет поврзани со утврдување на одговорност на судијата токму за овој предмет.
-Постапувајќи по предметот оформен по назначувањето на две лица на т.н. „црна листа“ на САД, Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија во рамките на кои истражител од Истражниот центар на обвинителството ги побара и ги презеде од Судскиот совет сите списи во врска со постапките за утврдување одговорност на судии кои постапувале во предметот познат во јавноста како „Таргет-Тврдина“. Се преземаат и други дејствија за целосно испитување на настанот, информираа од Обвинителството.
Имено, Судскиот совет утврди одговорност кај судијата Беџети, кој како судија известител предметот го чуваше во фиока 9 месеци. Советот заклучи дека судијата допринел за негово застарување, но сепак беше казнет со само 20 % проценти пониска плата во рок од шест месеци.
Претходно, пак републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, информираше дека Основното јавно обвинителство оформило предмет по допрен глас за екс-вицепремиерот и министер за политички систем и односи со заедниците Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети.
Улогата на судијата Беџети беше што тој придонесе за застарувањето, бидејќи предметот го чуваше девет месеци во фиока пред Апелација да одлучи дека ја укинува првостепената пресуда и случајот го враќа на повторно судење. Кога предметот се врати во Кривичниот суд, судењето почна од почеток, но по неколку месеци беше консантирана застареност, предизвикана директно од законските измени кои беа донесени во меѓувреме.
-Судијата Беџети од Апелациониот суд Скопје не го ставал предметот 9 месеци на одлучување. Со тоа се создадени услови овој предмет од многу висок јавен интерес да застари и да се затвори. Овој предмет ќе застари, затоа што пресудата е укината, судењето е вратено на почеток во Основниот кривичен суд“, стоеше во извештајот од извршената контрола на Судскиот совет.
Валентина Вурмо