Дежурен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје денеска изврши увид на Меѓународниот аеродром Скопје, каде околу 11:30 часот се преврте хеликоптер на Министерството за внатрешни работи.
„При увидот на лице место, заедно со увидни екипи на Министерството за внатрешни работи, беа обезбедени трагите од хеликоптерската несреќа. По наредба на јавниот обвинител обезбедени се видео записите од камерите на аеродромот, како и аудио снимките од комуникацијата на пилотот со контролата на летот. Извршен е првичен разговор со пилотот и со уште четири лица од екипажот на хеликоптерот. На лице место денеска беа и претставници на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, кои ќе изготват извештај за незгодата. Во текот на претходната постапка, надлежниот јавен обвинител ќе издаде барања и наредби за утврдување на сите решавачки факти. Увидот на лице место е завршен, а хеликоптерот се уште се наоѓа на местото и во положбата затекната по падот. Локацијата е обезбедена, а во текот на утрешниот ден хеликоптерот ќе биде пренесен од аеродромската писта на друга локација, каде ќе се обезбедува до крајот на постапката“, соопштија од обвинителството.
Од таму посочуваат дека во зависност од обезбедените докази како и од наодите во извештајот на Комитетот за истрага на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти, ќе бидат утврдени причините за хеликоптерската несреќа. Доколку притоа бидат утврдени пропусти од субјективен карактер, Јавното обвинителство најавува дека ќе поведе кривична постапка.