Обвинителството лаже за случајот „Актор“, тврдат дека не ги добиле резултатите од истрагата, од ОЛАФ се децидни дека ги испратиле

by fokus

Грчкото обвинителство за борба против корупцијата, пред една недела, покрена обвинение против грчката фирма „Актор“ за сторено кривично дело перење пари и проневера на сума од 50 милиони евра при изградба на автопатот Демир Капија-Смоквица во Македонија. Судското гонење на „Актор“ во Грција доаѓа по извештај и анализа на Европската служба за борба против измами (ОЛАФ) бидејќи целиот случај се смета дека ги оштетил интересите на Европската Унија.

Бидејќи истражителите во Грција ги „засукаа ракавите“, прашавме до каде е истрагата во Македонија, бидејќи обвинителството уште пред речиси четири години отвори предмет за овој случај. Според одговорот што го добивме може да се заклучи дека случајот тапка во место.

Велат дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во соработка со другите институции, ги презема неопходните активности  за расветлување на случајот „Актор“ во Македонија.

-Во надлежното обвинителство се преземаат дејствија за прибирање на податоци за утврдување на околностите. Освен барањето за меѓународна правна помош, ова обвинителство во изминатиот период достави и ургенција до надлежните органи на Република Грција за доставување на прибраните докази од нивна страна, ни одговорија од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека по барање за соработка од страна на европските институции за овој предмет, одговориле на барањата на Европската канцеларија за борба против финансиски измами (ОЛАФ), додавајќи дека од нив пак очекувале споделување на резултатите од нивната истрага и добивање на извештај.

-До овој момент во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има пристигнато само известување од Европската канцеларија за борба против финансиски измами (ОЛАФ) дека истрагата е завршена и дека постојат индиции за сторени кривични дела и резултатите од нивната истрага се доставени до надлежните органи на Република Грција​, но истите не се доставени и до Република Македонија, велат од Обвинителството, додавајќи дека очекуваат побараната меѓународна правна помош и соработката со европските институции да се реализира и да вроди со плод, за да, како што истакнуваат, овој предмет да ја добие својата завршница.​

Токму затоа се обративме до ОЛАФ и прашавме зошто резултатите од истрагата се доставени само до истражниот органи во Грција, и дали тоа значи дека нема индиции дека македонски функционери или македонски државјани сториле криминал?

Од ОЛАФ експресно ни одговорија истакнувајќи дека сите материјали се доставени и до Македонија и да Грција.

-Можеме да потврдиме дека ОЛАФ изврши истрага во врска со „Актор“ и другите економски оператори вклучени во градежниот проект „Коридор 10“. Истрагата беше комплетирана во септември 2016 година. Наодите на ОЛАФ беа доставени до локалните органи на обвинителството, вклучително и до Јавниот Обвинител на ФИРОМ и до грчкиот антикорупциски обвинител. Се додека се одвива истрагата на национално ниво, не можеме да дадеме други коментари, изјави Силвана Енкулеску, портпаролката на ОЛАФ, за „Фокус“.

Оттука останува нејасно зошто од обвинителството негираат дека ги добиле наводите од истрагата?

 

 

Во Македонија истрагата за овој случај беше отворена пред речиси четири години кога Управата за финансиско разузнавање, почна да ја чешла работата на грчката фирма. Оттаму во голема тајност и молк го истражувале случајот „Актор“, а за него јавноста слушна неколку месеци подоцна, кога СДСМ го обелодени наводниот криминал. Од партијата посочија дека дури 95 лица, повеќето грчки државјани, од сметките на „Актор“ во рок од 10 месеци извлекле 3,5 милиони евра во кеш, преку 278 трансакции. Според нивните информации, грчките државјани организирано со автобус доаѓале во Неготино и во присуство на директорката Атина Зиога го подигале кешот, а потоа, според СДСМ, тој кеш го оставале во земјава, бидејќи границите ги напуштале со празни џебови.

Откако овие информации излегоа во јавност конечно се огласи и републичкиот обвинител Марко Зврлевски кој посочи дека покренале предкривична постапка. Но, по само еден месец, Зврлевски истакна дека степенот на сомнеж бил на најниско ниво, па затоа сметката на фирмата беше одмрзната и таа продолжи со работата. Сепак, од обвинителството се правдаа дека случајот не е затворен, туку продолжиле да истражуваат, а сега велат дека се уште истражувале.

Во меѓувреме и истражните органи во Грција отворија сопствена истрага, поради сомнеж дека градежната компанија наводно понудила поткуп на официјални претставници од Македонија, за да го добијат договорот вреден 270 милиони евра за изградба на автопат во таа земја.

Градежните работи на Демир Капија – Смоквица почнаа во септември 2012 година, а грчката компанија го доби договорот иако имаше значително повисока понуда од околу 40 милиони евра во однос на конкурентите.

Валентина Вурмо

Поврзани новости