Обвинителството ќе се жали на висината на казната одредена за Шукри Зеќири (21) од Скопје кој на 12 минатиот месец на булеварот „Никола Карев“, кај познатата „Пластичарска улица“ удри десетгодишно дете кое од ударот почина на самото место.
Притоа, тој избега, а денеска беше осуден на казна затвор од две години и три месеци, велат од ОЈО.
Неговата казна во Основен кривичен суд му ја одреди судијката Марија Клетничка, а Зеќири беше гонет за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ и кривично дело „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“.
„Согласно законот, за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ е предвидена казна затвор во траење од една до пет години, па за наведеното кривично дело судот му утврдува казна затвор во траење од 2 години, и сторил едно кривично дело за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 1 од КЗ, за кое кривично дело согласно законот е предвидена парична казна или затвор до една година, па за наведеното кривично дело судот му утврдува казна затвор во траење од шест месеци“ рече судијката.
На обвинетиот, му е одредена и казна забрана за управување со моторно возило во период од три години со што времето поминато во затвор не се смета во казната и му ја продолжи и мерката куќен притвор сѐ до правосилноста на пресудата.
Во изјава за медиуми по изрекувањето на пресудата, таткото на починатото дете изјави дека очекувале дека казната треба да биде над 10 години.
– Повеќе да е од 10. Да изгубиш дете со две години, ова не е реално. Се знае кога губиш дете како се чувствуваш. Од тоа нема повеќе тежина. Не му посакувам на никому ова да му се случи. Ама ако имаме држава треба правилно да се суди – рече тој.
Застапник на обвинението е обвинителот Даниел Коцев.