Обвинителството ќе истражува дали Груби и Беџети земале мито за ,,Таргет”

by fokus

Основното јавно обвинителство оформи предмет по допрен глас за екс-вицепремиерот и министер за политички систем и односи со заедниците Артан Груби и апелациониот судија Енвер Беџети, информираше јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

Груби и Беџети се најдоа на црната листа на САД, со обвинување за мито, а поврзано со преметот за масовното прислушување,,Таргет” и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Предметот, како што информираше Коцевски денеска, е доставен на постапување на надлежно обвинителство кое ќе издаде соодветни наредби до институциите за откривање на кривичните дела.

„Со оглед на сериозноста на наводите поради кои наведените лица беа назначени на листата, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази со кои ќе ја провериме евентуалната кривична одговорност на лицата кои се доведуваат во врска со дејства на поткуп и трговија со влијание“, истакна Коцевски на брифинг со новинарите.

Тој нагласи дека е одлична соработката на Обвинителството со стратешките партнери од САД и особено со Амбасадата на САД.

Американскиот Стејт департментот во понеделникот ги стави на „црна листа” поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети. На неа има уште дестина други лица ставени претходниве години.

Поврзани новости