И денеска продолжи расправата на собраниската Комисија за финансирање и буџет, за извештаите на овластениот државен ревизор за ревизијата на финансиските извештаи во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија – Скопје.
Јавниот обвинител – Љубомир Јовески рече дека разгледувањето на овој извештај значи директно мешање на законодавната власт во рамките на Јавното обвинителство.
– Обвинителот и Обвинителството е дефинирано како самостоен државен орган и обвинителот не е монета за поткосурување и јас ве молам во иднина Собранието да посвети соодветно внимание на тоа и да ги разгледува овие прашања од аспект на надлежностите на обвинителот. Ако овој извештај на Државниот завод за ревизија ви е познато дека е составен дел на доказите. Неговото разгледување од кривично-правен аспект значи директно мешање на законодавната власт во рамките на Јавното обвинителство. И на тоа, ве молам, во вашите дискусии, а посебно и во водењето на седницата претседателот на Комисијата да посвети сериозно внимание. Станува збор за навистина еден тежок случај. Станува збор за еден финансиски извештај , впрочем како и сите финансиски извештаи. Не знам колку Собранието досега имало можности, не ја следам таа работа. Таа ги разгледува финансиските извештаи. Тие се високо професионални, високо стручни извештаи и во нив се наведени околностите што се од релевантно значење за ревизискиот дел, но тие не се прават за потребите на Јавното обвинителство. Сите финансиски извештаи , Јавното обвинителство ги разгледува , меѓутоа ги разгледува од аспект на кривичен прогон, од аспект на детектирање на одредени дејствија кои значат елементи на кривично дело и откривање на евентуално сторителите кои ги презеле овие дејствија, рече Јовески.
Тој информираше дека после објавувањето на Извештајот на ДЗР, Обвинителството го проучило, презело одредени дејствија по овој извештај од рамките на неговата надлежност.
Обвинителство води предистрага за последните случувања во Онкологија. Тоа е еден опсежен предмет во кој се вклучени двајца обвинители, во кој е вклучен целиот истражен центар на ОЈО Скопје, кој што е функционален и конституиран во време во кое јас раководам со јавното обвинителство. Обезбедени се доказите, со намера да се одбегне нивното евентуално исчезнување, порача Јовески.
– Во овој момент, можам да кажам дека е обезбедена обемна компјутерска и друга документација во делот на здравствената состојба на пациентите кои неколку години наназад биле на третман на оваа Клиника и се лекувале. И цела оваа документација подлежи на соодветни проверки, соодветно укрстување и уточнување на овие податоци и секако дека станува збор за илјадници вакви случаи на Обвинителството и на службите кои се компетенти за решавање на вакви случаи им треба значително повеќе време. Сите сили на Обвинителството се концентрирани за забрзување на овие постапки – изјави јавниот обвинител и посочи дека извршени се повеќе распити на пациенти кои биле на лекување во болницата.
Јовески порача дека Обвинителството ќе ги вложи и последните напори да го расчисти овој случај и да се врати довербата во Клиниката за онкологија.
– Сакам да ја уверам јавноста дека Обвинителството, ќе се пушти и се пушта во целосно расчистување на овој случај . Апсоутно нема ниту еден факт или околност што е релевантна за кривична одговорност ниту да прикрие, ниту да ја толкува на друг начин, освен ако заслужува соодветното лице кривична одговорност. Обвинителството ќе ги вложи и последните напори да го расчисти овој случај, да се врати довербата во Клиниката за онкологија за да можат најтешките болни во иднина бидат сигурни дека добиваат терапија согласно потребите на нивното здравје. За првпат за да нема сомнеж ниту во работата на Обвинителството, ниту во работата на обвинителите, ние вклучивме тројца пациенти кои се претставници на лицата кои се лекувале во Клиниката за онкологија , во кои и покрај тоа што согласно законот за одредени информации има забрана јавно да се објавуваат, нив во тој обем во кој може им се соопштуваат овие податоци и со нив и јас сум информиран дека имаме добра соработка , дека луѓето веруваат во работата на Обвинителството, дека тие се свесни за предизвикот во кој се наоѓа и Обвинителството и здравствениот систем и на било кој начин подготвени се на Обвинителството да му помогнат во делот на расчистување на овој случај – рече тој.