За уапсениот поп-пејач Ламбе Алабаковски, осомничен за опожарување на влезната врата на неодамна отворениот бугарски центар во Битола „Иван Михајлов“, обвинителството ќе бара краткотраен притвор од околу една недела, само поради опасност од бегство, зашто тој до неодамна живееше во странство. Извори од обвинителството за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека е точно оти Алабаковски не сторил тешко дело со тешки последици за да мора да биде притворен, но дека кај него постои реална опасност од бегство, бидејќи има каде да отпатува во странство.
Од Обвинителството велат дека Алабаковски не само што го признал палењето на вратата на објектот, туку и дека бил многу коректен. Нема досие со други кривични дела, тој е неосудуван досега, што секако ќе му бидат олеснителни околности пред судот.
До судење на популарниот пејач изгледа ќе дојде многу брзо, зашто обвинителството ќе поднесе обвинителен предлог за предизвикување општа опасност, каде е предвидена казна од 6 месеци до пет години затвор.