Обвинителството ќе бара да му се продолжи притворот на Камчев, следната недела обвинение за „Плацевите на Водно“

by fokus

Второто продолжување на притворот за 30 дена на бизнисменот Орце Камчев му истекува за неколку дена, поради што следната недела Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе поднесе барање за дополнителни 30 дена притвор, дознава „Фокус“.

Во истиот период до Кривичниот суд се очекува и да биде поднесен обвинителниот акт за случајот „Плацевите на Водно“, во кој Камчев е еден од осомничените.

Одбраната на Камчев во неколку наврати реагира дека притворот на бизнисменот му е одреден само поради службената белешка од АНБ, која ја сметаат за непрофесионална, но од обвинителството за „Фокус“ појаснуваат дека тоа е последниот доказ, односно имале обезбедено голем број на аргументи за да ја потврдат тезата дека Камчев може да избега.

Истрагата „Плацевите на Водно, пред неполни седум месеци ја отвори обвинителството, а потекнува од згаснатото СЈО. Обвинителката Лиле Стефанова ја водела предистрагата, а предметот и понатаму е во нејзините раце. Освен  Камчев, осомничени се и екс премиерот Никола Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, неговиот братучед, екс директорот на УБК Сашо Мијалков, мајката на Камчев, Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Според обвинителството, од 2006 до 2012 година, Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиски донации што ги добивал лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра. Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница. Но за време на истрагата беа откриени и уште два нови стана и ново градежно земјиште, кои од неодамна на барање на обвинителството се замрзнати.

-Врз основа на опсежна истрага, дојдено е до откривање на два нови стана и плац од 3. 000 квадратни метри на Водно. За овие е издадена мерка забрана за нивно отуѓување додека трае оваа постапка – рече неодамна обвинителот Љубомир Јовески.

За тајниот имот на Груевски веќе пишуваше и неделникот „Фокус“.

В.В.

Поврзани новости