Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска ја отфрли кривичната пријава за „примање награда за противзаконито влијание“ против претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, што му ја поднесе судијата Иван Џолев.
Од Обвинителството велат дека по пријавата веднаш оформиле предмет и прибавиле докази поврзани со утврдување на фактите и околностите наведени во пријавата.
-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по сеопфатно проучување на сите прибрани докази утврди дека пријавеното дело не е кривично дело за кое се гони по службена должност, по што пријавата ја отфрли, се вели во соопштението на обвинителството.
Оттаму појаснуваат дека укажувањето на Панчевски испратено до судијата Џолев, во кое му сугерира како да постапува по одреденм предмет, не е кривично дело, бидејќи не било наредба.
-Според прибавените докази, дејствието преземено од пријавениот не претставува реално или претпоставено влијание за постапување на истражниот судија распореден по истражниот предмет, бидејќи истото во себе не содржи наредба. Даденото Укажување дава насока како поефикасно и побрзо да се заврши истражен предмет согласно законот, кој многу години не бил завршен. Воедно со истото се бара од истражниот судија, да го извести Претседателот на судот за преземените активности поврзани со решавање на конкретниот предмет. Согласно законот, претседателот на судот се грижи за ажурно работење на судот, па неговите насоки биле со таа цел.Од ова неспорно произлегува дека Укажувањето е дадено со цел да се активираат можни законски услови за завршување на истрагата согласно одредбите од чл. 178 ст.2 во врска со ст.1 од Законот за кривична постапка што важел во времето на донесувањето на Укажувањето, а кое пријавениот како Претседател на судот имал право да го преземе, утврди Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, информираат од Обвинителството.
Од таму додаваат дека како осомничен го испитале Панчевски, а Џолев иако му биле испратени три покани во својство на оштетен, не се јавил на поканите.
-При извршеното испитување, пријавениот на записник поднесе кривична пријава против подносителот на кривична пријава за сторено кривично дело – Лажно пријавување на кривично дело по чл.366 од Кривичниот законик. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја препрати оваа кривична пријава за понатамошно постапување до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, велат од Обвинителството.