Обвинителството отвори предмет за новите аудио снимки кои во саботата беа објавени на „Јутјуб“ каналот и ќе истражува кој ги објавил, нивната содржина, но и дали навистина на снимката е зборува бизнисменот Орце Камчев, осомничен во истрагата „Империја“, а сега клучен сведок во случајот „Рекет“.
-Јавното обвинителство во врска со новообјавените аудио снимки на социјалните мрежи отвори предмет. Надлежен јавен обвинител во постапката ќе утврдува кој ја објавил содржината, идентитетот на лицата кои ја објавиле содржината на овие разговори и ги поставиле на социјалните мрежи, потоа идентитетот на лицата кои што разговараат и содржината на разговорите, вели републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески во изјава за Телма.
Во разговорите, лицето за кое се претпоставува дека е Камчев,бара спогодба со браќата Заеви, и вели дека во спротивно ќе крвават сите, но освен Заев, се споменува и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.
-Да бидам искрен не ги слушав снимките, единствено ги читав, транскриптите по некои медиуми. Немам што да додадам или одземам. Тоа што е кажано во рамки на тие транскрипти е од извор кој треба веднаш да се провери, како е настанато тоа снимање, што се последиците и веднаш да се преземат соодветни мерки од органите за прогон, рече Мицкоски.
Пред објавувањето на снимките, во суд како сведок за случајот „Рекет“ се појави токму Камчев, а утре на пултот за сведоци треба да застане неговата сопруга Ана Камчева.