Јавното обвинителство ја оценува како целосно беспредметна и непотребна иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со конфискацијата на имотот во предметот „Труст”, информираат денеска од Обвинителството.
-Иако Јавното обвинителство ќе ја прими иницијативата како и секоја друга претставка, крајно е нецелисходно ДКСК да поднесува иницијативи за кривично гонење за предмети во кои обвинителството веќе постапува.
Како што веќе е информирана целата јавност, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција има оформен предмет во кој се опфатени неколку кривични пријави и во чии рамки се испитува постапувањето на сите институции при конфискацијата на имотот на „Трансмет“.
Во рамките на тој предмет обезбедена е целокупната документација, вербални и материјални докази и надлежниот јавен обвинител е пред донесување на јавнообвинителска одлука, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Оттаму додаваат дека обвинителите кои постапувале во ,,Труст” не направиле никаков пропуст.
-Како еден аспект од целиот предмет, нагласуваме дека надлежниот јавен обвинител, согласно сите обезбедени докази и направени проверки, веќе согледа дека во јавнообвинителското постапување во предметот „Труст“ не е направен никаков пропуст. Оттука, со јавната седница на Државната комисија за спречување на корупцијата веќе е нанесена непотребна штета и на Јавното обвинителство како институција и на јавните обвинители кои постапувале во предметот.
Од излагањето на седницата на Државната комисија за спречување на корупцијата, пак, очигледно е дека Комисијата при анализа на предметот немала пред себе бројни докази ниту увид во комплетната фактичка состојба која јавниот обвинител детално ќе ја образложи при носењето на одлуката и ќе ја поткрепи со соодветен доказен материјал. Заклучоците на Комисијата во поглед на имотот на „Трансмет“ воопшто ги немаат предвид ниту веќе правосилните одлуки на Апелациониот суд, со кои спогодбите за префрлање на имотот од „Трансмет“ на „Пуцко Петрол“ се огласени за ништовни и правно неважечки, онака како што е предвидено во членот 202 од Законот за кривична постапка, и со кои имотот на Сеад Кочан е трајно впишан во сопственост на државата.
Доколку крајната цел не е обид да се влијае на исходот од постапката што ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и свесно да се компромитира, неразбирливо и крајно неодговорно е Комисијата да поднесува иницијатива за кривично гонење во оваа фаза од постапката и врз основа на нецелосно проверени факти, кои не соодветствуваат на доказите обезбедени во предметот, велат од Обвинителството.
Оттаму реагираат дека Антикорупциска постапила неодговорно.
-Особено е неодговорно од една институција како ДКСК, врз вака нецелосно обработени и неточни факти, да излегува надвор од своите надлежности и да прикажува „шеми“ на наводно организирано дејствување, бидејќи тоа единствено е во надлежност на истражните и на судските органи во државата.
Апелираме Државната комисија за спречување на корупцијата да се држи до своите законски надлежности и да не нанесува штета на постапките кои се во тек. Јавното обвинителство како единствен орган надлежен за кривичен прогон нема да дозволи и остро ќе се спротивстави на секој обид да се влијае врз постапките.
И покрај сите напори на Јавното обвинителство да остварува коректна соработка со ДКСК и да ја вклучи во активностите за борба против корупцијата, членовите на ова тело, наместо да ја насочат енергијата кон сопствените обврски, постојано се конфронтираат со другите институции, предизвикувајќи огромна штета на напорите за справување со корупцијата.
Поради еднострано целосно непочитување на потпишаниот Меморандум за соработка, а особено прекршување на членовите 2, 3 и 6, Јавното обвинителство ги замрзнува сите активности предвидени и кои произлегуваат од тој меморандум, велат од Обвинителството.