Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека ја завршило предистражната постапка за насилствата во Собранието од 27 април оваа година и отворило истрага против вкупно 36 лица поради основано сомневање за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Во соопштението не се наведени лицата што се осомничени, но веќе објавивме дека станува збор за поранешниот министер за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски, претседателот на велешкото здружение Ќосето, Горан Ангелов и други кои учествуваа, овозможија или на било кој начин беа поврзани со насилството во парламентот.
Во моментов, тие се во Кривичниот суд каде даваат исказ пред судија на претходна постапка. Од Обвинителството засега нема информации дали и какви мерки за обезбедување присуство бара да им одреди судот на осомничените за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста. За ова кривично дело, според Кривичниот законик, е предвидена казна од најмалку десет години.