Со затворска казна од една до пет години се соочува младата велешанка Пале И. која во септември лани го лиши од живот А.Р. (40), полицаец од Велес, со кого живеела во вонбрачна заедница.
Од страна на Велешкото обвинителство е поднесен обвинителен предлог против 23-годишната девојка, и таа е обвинета за ,,Убиство на миг” за кое максималната казна е пет години.
Веста се најде во центарот на вниманието на јавноста и граѓаните повторно реагираат, давајќи и поддршка на велешанката.
Таа долг период била жртва на семејно насилство, а како што за ,,Фокус” раскажаа нејзини роднини веднаш по настанот минатата година, се работи за убиство во самоодбрана.
-Епилогот ќе беше или таа или тој. Тој ја давел, а Пале реагирала во обид да се спаси. Таа е жртва на семејно насилство, и ова е случај на самоодбрана, затоа и бараме така да и се суди.
По настанот, таа самата повикала Итна помош-раскажуваа роднините на велешанката, која имала доста тежок живот и која често имала модринки, па дури и поткршен заб, но бидејќи била сама, без родители и заштита, молчела и не им кажувала со што се соочува во секојдневниот живот со А.Р., кој зад себе имал условни казни за две кривични дела, еднаш ја давел сестрата близначка на Пале, а пак еднаш прегазил шест тинејџери.
Според Обвинителството, Пале и А.Р. биле на гости и по враќањето дома, тој во алкохолизирана состојба започнал да ја нарекува со погрдни зборови. Пале легнала да спие, но тој ја фатил за пижамата, ја одвлечкал до кујната, ја удирал со тупаници по главата, увото, левото рамо, и ја клоцал по левата натколеница.
Потоа започнал да ја дави. Таа го молела да ја пушти, и во еден момент зела нож од масата и му нанела убодна рана во срцето.
Откако лани јавноста слушна за настанот, беше покрената онлајн петиција во која се бараше на Пале да и се суди за убиство во самоодбрана, кое го извршила во време додека била нападната и се борела за сопствениот живот. Граѓаните апелираа за нејзино правично судење, потсетувајќи дека семејното насилство во земјата мора да се искорени.
Се отворија прашања колку се ефективни мерките кои се преземаат кога станува збор за родово базирано и семејно насилство, и се испрати пораката дека мора да се креираат политики за превенција и заштита на жртвите навремено од страна на сите засегнати институции.
Вики Клинчарова