Обвинителството го изготви барањето за екстрадиција на Љупчо Палевски

by Fokus

Основното јавно обвинителство Скопје го изготви Барањето за екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски – Палчо, кој синоќа беше фатен во Турција.

Тој се товари за две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик.

Јавниот обвинител побара од надлежните власти во Турција екстрадиција на Палевски, за кого е распишана меѓународна потерница.

„Во прилог на барањето за екстрадиција до турските власти ќе биде доставена комплетната потребна документација – наредбата за истражна постапка против осомничениот, решението со кое од Основниот кривичен суд Скопје му е определен бранител по службена должност и му е одреден притвор, како и наредбата за издавање меѓународна потерница. На турските власти ќе им бидат посочени и применетите одредби од Кривичниот законик во кои е содржан законскиот назив и обележјата на кривичното дело за кое се води истрагата и други релевантни одредби од македонското законодавство.

Одделението за меѓународна правна помош на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, врз основа на Европската конвенција за екстрадиција со дополнителните протоколи, Договорот за правна соработка во граѓанските и кривичните предмети меѓу Република Македонија и Република Турција и Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, ова барање за екстрадиција итно го достави до Министерството за правда“ наведуваат од обвинителството.

Поврзани новости