Американските обвинители кои го обвинија актерот Алек Болдвин за ненамерно убиство во случајот со пукањето со фатални последици за време на снимањето на филмот „Рѓа„ се откажаа од дел од обвинението со што се отстрани заканата дека тој може да помине пет години во затвор.
Обвинителството во Ново Мексико, Соединети Американски Држави, се откажа од барањето казна поради обвинението за недозволено ракување со огнено оружје.
Обвинителите одлучија наместо за недозволено носење оружје, да покренат обвинителен акт само за убиство од небрежност, за коешто Болдвин може да добие казна затвор до 18 месеци и парична казна од 5.000 долари според законот во Ново Мексико, доколку биде прогласен за виновен.
Окружното обвинителство во Санта Фе соопшти дека одлуката за отфрлање на обвинението за кривично дело е донесена, наводно, за да се избегне подолг правен спор со адвокатскиот тим на Болдвин.
„Приоритет на обвинителството е да ја задоволи правдата, а не да им дава можност за хонорари на скапите адвокати од големите градови врз основа на наплатливите часови ангажман“, соопштуваат од Обвинителството.
Болдвин и Хана Гутиерез-Рид, супервизор за оружје на сетот на филмот „Рѓа“, минатиот месец беа обвинети за кривично дело ненамерно убиство при убиството на кинематограферот Халина Хачинс, која почина кратко откако беше ранета за време на снимањето на филмот во Санта Фе.
Ненамерното убиство вклучува убиство што се случува додека обвинетиот прави нешто што е законско, но опасно и постапува без претпазливост.