Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја анализира прибраната документација и бара меѓународна правна помош од бугарските колеги за предметот што го води против министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој првично го отвори поранешната шефица на ова Обвинителство, Вилма Русковска.
-Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција активно постапува во предметот во кој е пријавен министерот за внатрешни работи дека не го потпишал решението за забрана за работењето на станицата за технички преглед „Виа Комерц“.
Предметот е во предистражна постапка, во моментот се анализира прибраната документација. Во насока на расчистување на случајот до бугарското обвинителство е испратено барање за меѓународна правна помош, со кое се бара да се достават докази за причините за несреќата. Со оглед на тајноста на предистражната постапка во моментов не можат да се споделат повеќе детали, велат од Обвинителството за „Фокус“.
Русковска го отвори случајот по пријава од група граѓани бидејќи Министерот за внатрешни работи со месеци не го потпишувал решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, каде последен технички преглед имал автобусот на „Беса транс“ во којшто во Бугарија изгореа 45 патници.
Всушност решеението Спасовски го потпишал три дена по автобуската несреќа на 26 ноември 2021 година, иако неправилности во работата на станицата биле откриени уште во август 2021 година.
Во меѓувреме, во меѓупериодот кога биле констатирани неправилностите, на технички преглед во октомври истата година, поминал кобниот автобус.
Спасовски тогаш кажа дека ги предал документите во Обвинителство и дека истрагата што ја води Обвинтелството ќе ги даде одговорите.
Откако беше суспендирана, обвинителката Русковска кажа дека овој предмет што го отвори против Спасовски е еден од предметите поради кои добила суспензија.
Инаку, Државната Комисија за спречување на корупцијата утврдила дека Спасовски не постапил правилно, бидејќи по добиениот извештај од инспекторатот кој извршил контрола и утврдил неправилности во работењето на станицата, тој не издал наредба во предвидениот рок од станицата да ги отстранат неправилностите, туку истата ја издал по три месеци од добиениот извештај, односно три дена по несреќата во Бугарија.
Досега до Обвинителството не стигнале дополнителните докази што ги најави ДКСК.
Поради ова ДКСК одлучи да достави иницијатива до Владата за утврдување одговорност на министерот за ненавремено донесено решение за забрана за вршење технички преглед на „Виа Комерц“.
Од Владата за „Фокус“ велат дека штом пристигне дописот од ДКСК, Владата ќе го разгледа и додават:
-Потсетуваме дека сите функционери го имаат потпишано Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и другите функционери избрани и именувани од страна на Владата. Овој кодекс е изгласан на Влада и треба да се почитува.
Инаку, во тек е судски процес против управителот на „Беса Tранс“, Беким Хаџиу, и застапникот на правното лице „Беса Транс“, Шабан Хоџа кои на судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за несреќата во која изгореа 45 македонски државјани, меѓу кои имаше и деца.
Сè уште не е утврдено дека сообраќајната несреќа се случила поради техничка неисправност на автобусот. Првичните причини кои ги кажаа бугарските истражни органи беа губењето на контрола на автобусот и пребрзото возење на шоферот кој е меѓу загинатите.
Фросина Факова – Серафиновиќ