Обвинителството бара повисока казна за возачот кој ја прегази студентката Фросина

by fokus

Обвинителството поднесе жалба за случајот со сообраќајката во која беше прегазена студентката Фросина Цековска, до Врховниот суд. Како што појаснуваат жалбата е поднесена по две основи и тоа поради повреди на Законот за кривична постапка, но и за висината на изречената казна.

Апелација неодамна донесе одлука со која ја намали првостепената казна на возачот Љубиша Видојковиќ , одлучувајќи дека треба да одлежи три години затвор.

-Основното јавно обвинителство Скопје преку Апелациониот суд Скопје до Врховниот суд на Република Северна Македонија достави Жалба на пресудата на Апелациониот суд Скопје од 08.04.2019 година во врска со сообраќајната несреќа која се случи на 03.04.2015 година на бул.„Партизански Одреди“ во која животот го загуби Фросина Цековска од Крива Паланка.

Жалбата е поднесена по две основи – поради суштествена повреда на одредбите на Законот за кривична постапка, како и поради одлуката за изречената кривична санкција од Законот за кривична постапка.

Со поднесената жалба,  Основното јавно обвинителство Скопје му предлага на Врховниот суд  да ја преиспита донесената пресуда на Апелациониот суд Скопје, се вели во соопштението на Обвинителството.

Првата пресуда на Кривичниот суд беше 6 ипол години затвор за Видојковиќ. Апелација ја укина и ја врати на повторно судење по што Кривичен му пресуди 4 години затвор. По жалбите предметот пак дојде во Апелација која овој пат му пресуди 3 години затвор, една година под законскиот минимум за кривичното дело тешки дела против безбедноста во сообраќајот.

Поврзани новости