Прилепското Основно јавно обвинителство очекува денеска да добие известување од полицијата за случајот со повреденото 11-годишно дете кое вчера падна од највисокиот, трет кат, од зградата на основното училиште „Гоце Делчев“ во Прилеп и се здоби со тешки повреди.
Според в.д. основната јавна обвинителка Лидија Салатоска-Илиоска, Обвинителството претходно ѝ дало насоки на полицијата како да постапи и да ги извести.
„Од досегашните сознанија сметаме дека станува збор за несреќен случај, но на полицијата ѝ дадовме насоки да изврши разговори со медицинските лица кои интервенирале во случајот, со вработените од училиштето и со други лица. Во текот на денешниот ден ќе добиеме извештај од полицијата за да се знае како понатаму да се постапи“, вели Салатоска-Илиоска во изјава за државната МИА.
Немилиот настан се случил во понеделникот, на 20 јануари во 14:35 часот, на големиот одмор во попладневната смена. Од засега непознати причини, шестоодделенецот паднал од прозорецот на третиот кат од училишната зграда. Веднаш била повикана Итна помош и лекарите го нашле детето наземи во полусвесна состојба. На одделот за анестезија првично биле констатирани скршеници на петиците на нозете и сомнеж за скршеници на пршлените.
Ученикот се лекува на детска хирургија во Скопје. Детето се наоѓа во стабилна здравствена состојба и е надвор од животна опасност.