Обвинителство: Убиецот на лекарот Трповски се уште не е откриен, институциите да се воздржат од споделување на чувствителни информации

by fokus

Откако, дополнителниот заменик министер на МВР, Митко Бојмацалиев, изјави дека
матичниот лекар Ацо Трповски не бил убиен во неговиот автомобил туку на друго место коешто треба допрва да се утврди,од Обвинителатвото велат дека засега не можат да споделат други детали.

На прашањето на ,,Фокус”, дали изјавата на Бојмацалиев произлегува од обдукцијата, од Обвинителството ни одговорија:

-Откривачката улога во случајот ја има Министерството за внатрешни работи, а Јавното обвинителство ги издава сите потребни наредби и насоки за откривање на сторител и за целосно расчистување на настанот. Со оглед на тоа што МВР се уште не идентификувало сторител на кривично дело, Јавното обвинителство не е во можност да споделува детали кои можат да ја загрозат постапката. Апелираме и до другите институции во оваа фаза на постапката да се воздржуваат од изнесување информации од чувствителен карактер, бидејќи сторителот се уште не е откриен, ни одговорија од Обвинителството.

Пред две недели матичниот доктор Ацо Трповски беше пронајден мртов со девет убодни рани на паркингот пред Поликлиниката Железара. Го нашле неговите синови.

В.В.

Поврзани новости