Обвинителството си допишувало со моливче врз доказниот материјали, што е основа за многу кривични дела, обвинува преку соопштение за јавноста поранешниот генерален секретар во Владата, Драги Рашковски кому му се суди во случајот „Софтвери“.
Како што пишува во соопштението, пред три дена нему бил дозволен увид во доказниот материјал со којшто на 16.04.2021 година му беше определена мерката притвор.
-На доказниот материјал, ни помалку ни повеќе со молив на маргините на печатениот доказен материјаl испишано со ракопис се допишувани имиња на личности, се допишани датуми, се допишани ставови различни од реалноста од други докази… се селектирани преку штиклирање делови за тоа “што е битно”.
Кривичниот законик е многу јасен во член 378 “Тој што ќе направи лажна исправа или ќе преправи вистинска исправа со намера таквата исправа да се употреби како вистинска или тој што лажната или преправената исправа ќе ја употреби како вистинска, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.” Исто така членот 380 од КЗ предвидува дека “Тој што како доказ во правниот сообраќај ќе употреби исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.”
Допишувањето со молив на податоци кои не се присутни во вистинската исправа искористена за определување на притвор, не само што е исполнување на битието на делото од 378 од КЗ туку е и основ за низа други кривични дела кои се залепуваат редум, реагира Рашковски.
Според него, ова е плукање во лице на судството, максимално омаловажување на дигнитетот на судиите и омаловажување на останатите колеги кои уредно “пакуваат предмет”.