Откако денеска на терен се руши дивоградбата кај Мавровска, со соопштение се јави и Обвинителството. Информираат дека отвориле истрага за предметот.
-Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради постоење основано сомнение дека сторило кривично дело – Бесправно градење од член 244-а став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, во текот на месеците јуни и јули, во својство на инвеститор, градел објект со површина од 330м2 пред трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, без притоа да добие одобрение за градба од надлежен орган, велат од Обвинителството.
Оттаму појаснуваат дека бараат на осомничениот да му се изречат мерки на претпазливост.
-Со цел обезбедување на присуството на осомничениот во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител денеска до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, обврска да се јавува повремено во Основниот кривичен суд Скопје, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање нова, велат од Обвинителството.