Јавното обвинителство денеска преку соопштение во целост ги демантира наводите во некои медиуми кои се однесуваат на постапката во предметот во јавноста познат како „ТНТ“, дека јавниот обвинител кој постапува во предметот влијаел врз одлуката на Судот за текот на постапката или кривичната санкција во предметот.
-Имено, јавниот обвинител кој постапува во предметот ниту влијаел ниту можел да влијае врз одлуката на Судот во поглед на текот на постапката или кривичната санкција во предметот. Судот е целосно независен при одлучувањето, а согласно Законот за кривична постапка престедателот на советот е единствено надлежен да прифати или одбие предложени докази.
Она што јавноста треба да го има предвид е дека во конкретниот случај станува збор за предмет за кој само судската постапка трае повеќе од три години. Главната расправа за предметот е започната од 24.01.2018 година и досега два пати судењето започнуваше од почеток поради промена на поротник како дел од судечкиот совет, велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека овој случај беше стигнат до финиш, но се одоговлекуваше поради одбраната.
-Пред второто враќање од почеток предметот беше веќе во фаза на завршни зборови, но по инсистирање на одбраната, која не се согласи со формално читање на записниците од расправите каде беа изведувани доказите, сите сведоци и докази беа повторно сослушувани и изведувани во повторените постапки, со што одбраната придонесе за непотребно одолговлекување на постапката. За ова Основниот кривичен суд Скопје веќе неколкупати апелираше до јавноста преку соопштенија и брифинзи како и со официјални дописи до Адвокатската комора.
Сите услови побарани од странките во постапката, до овој момент се задоволени од страна на Судот, вклучувајќи и превод на целиот доказен материјал и сите записници на албански јазик, токму по барање адвокатот Мерџан Даути, кој застапува странка која воопшто не говори на албански јазик, како што и самата се има произнесено.
Од се погоре наведено, сметаме дека медиумските написи се единствено во насока да се изврши притисок за повторно неоправдано одолговлекување на постапката, велат од обвинителството.
Реакцијата на Обвинителството следува откако во повеќе медиуми се појавија написи во пресрет на денешното рочиште за случајот „ТНТ“, дека наводно обвинителот Бурим Рустеми му нудел нагодба за еден од обвинетите, односно условна казна ако го признае делото за да заврши предметот до крајот на оваа година.
Случајот ТНТ се однесува за уривањето на комплексот „Космос“ на инвеститорот Фијат Цановски, за што обвинети се поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс градоначалникот на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, и уште неколку лица, додека во отсуство му се суди на експремиерот Никола Груевски.