Обвинителството денеска излезе со демант на текст кој беше објавен во дел од медиумите, а поврзан со претресот во Управата за финансиска полиција.
,,Обвинителство на Република Северна Македонија најостро ги демантира наводите во текстот „Претресот во Финансиската полиција бил по пријава во врска со „Беса транс““, објавен денеска на порталот САКАМ ДА КАЖАМ (sdk.mk).
Во барањето и обезбедената наредба за претрес во Управата за финансиска полиција е наведен предметот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција заради кој се спроведува претресот. Тој предмет нема никаква поврзаност со трагичната автобуска несреќа во Република Бугарија. Предметот за автобуската несреќа во целост го водеа истражните органи на Република Бугарија, а Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапуваше по меѓународна правна помош упатена од Обвинителството на Република Бугарија. Работата на компанијата „Беса транс“ се проверува во посебен предмет по кој постапува надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.
Дека станува збор за непроверени информации се утврдува и од противречноста во самиот текст во кој се наведува дека во предметот за „Беса транс“ постапува ОЈО Скопје, а тој се доведува во врска со наредбата за претрес на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Покрај тоа треба да се укаже дека Управата за финансиска полиција нема никаква надлежност за сообраќајниот режим, за дозволите и за техничката исправност на превозните средства.
Јавното обвинителство го осудува обидот преку непроверени шпекулации да се злоупотреби огромната трагедија во која 45 лица го загубија животот и ги повикува медиумите на одговорно известување кое пред се ќе води сметка за чувствата на семејствата на жртвите и на повредените во тешката автобуска несреќа.
Обвинителството останува транспарентно и отворено за постапките што ги води. Новинарите, особено за вака чувствителни прашања, можат сите информации да ги добијат официјално во секое време од надлежните обвинители и од Службата за односи со јавноста на обвинителството, велат од Обвинителството.