Обвинителство: Мијалков понуди гаранција од речиси 11 милиони евра, што е прифатливо за да се брани од слобода

by fokus

По информацијата дека денеска Кривичниот суд ќе одлучува дали Сашо Мијалков ќе излезе од притвор, поради понудена милионска гаранција, од Обвинителството и официјално ни потврдија дека дале согласност да се брани од слобода, бидејќи понудил гаранција од речиси 11 милиони евра.

-Обвинителството ценејќи ги околностите и имајќи ги предвид наводите во предлогот и дополненијата за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерка гаранција, ценеше дека висината на понудената гаранција во доставените предлози во вкупен износ од 10,871,170 евра е прифатлива за обвинителството за обезбедување на присуство на обвинетиот до правосилноста на пресудата, одговорија за „Фокус“ од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Неофицијалните информации на „Фокус“ беа дека Мијалков понудил гаранција од 7,5 милиони евра, но од Обвинителството прецизираат дека гаранцијата изнесува близу 11 милиони евра.

Мијалков се наоѓа во притвор по изрекувањето на пресудата за случајот „Трезор“, кога беше осуден на 8 години затвор. Во случај да биде пуштен и да избега, тогаш ќе остане покус за речиси 11 милиони евра.

Инаку засега се уште нема детали од Обвинителствот за предистрагата поврзана со бегството на Мијалков, што се случи пред изрекувањето на пресудата за „Таргет и Тврдина“. Тогаш тој исчезна на 48 часа, по што самиот се појави и тврдеше дека бил болен.

Валентина Вурмо

Поврзани новости