Откако Ена Норнилд, косопственичка на компанијата „Дан -Мак“ обвини дека обвинителството две години во фиока ја чувале кривичната пријава која ја поднеле против Лила Филиповска, поради наводна измама за 250.000 евра, со реакција се јавија од обвинителството.
-Основното јавно обвинителство Скопје активно постапува во предметот за кој покажувате интерес. Во предметот пријавено е едно лице за кривично дело – Измама, а во врска со склучен договор за регулирање на обврските меѓу автор и коавтори за изготвување на проект. Со цел утврдување на фактите беа сослушани и пријавителите и пријавената, кои приложија документација како поткрепа на своите искази. Надлежниот јавен обвинител го прибави и предметoт од извршител во кој, врз основа на извршната клаузула во договорот меѓу двете страни, е издаден налог за извршување заради неиспочитувани договорни услови. Доколку во предметот бидат утврдени материјални докази за поврзаност со предметот „Меѓународен сојуз“, постапката соодветно ќе продолжи, велат од Обвинителството.
Претходно во изјава за „Фокус“, водителката Филиповска истакна дека ги вратила парите, за што приложи и уплатници.