Денеска во утринските часови, врз основа на сознанијата на Агенцијата за национална безбедност дека Јордан Камчев се подготвува за бегство, Министерството за внатрешни работи го лиши од слобода, информираше Обвинителството.
-Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во рамките на своите надлежности до Основниот кривичен суд – Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Јордан Камчев е едно од шестте осомничени лица за кои во октомври минатата година Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка заради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик, се вели во соопштението на Обвинителството.