Обвинителство ја призна направената грешка со која се бара притвор до правосилност на пресудата

by fokus

Основното јавно обвинителство Тетово ја призна направената грешка во обвинителниот акт со која се бара притвор до правосилност на пресудата за обвинети кои учествуваа во инцидентите во Мала Речица, во кои беше убиено едно лице.

Како што велат од таму, при подготовка на Посебниот предлог за Обвинителниот акт и Обвинителниот предлог за лицата инволвирани во вооружениот настан во Мала Речица е направен ненамерен технички пропуст.

„Имено, во предлогот испратен до надлежниот суд стои дека јавниот обвинител кој работи на предметот предложил мерка притвор „до изрекување на пресудата“ за дел од лицата опфатени со обвиненијата. Нагласуваме дека се работи за превид и грешка од чисто техничка природа која веднаш е исправена и коригираните Обвинителен акт и Обвинителен предлог се испратени до надлежниот суд. Согласно ова направена е и исправка на информацијата за подигнатите обвиненија доставена до медиумите. Направениот технички пропуст не го загрозува текот на натамошната постапка“, велат од Републичкото Јавно Обвинителство.

Во прилог ви го пренесуваме интегрално соопштението за подигнато обвинение за убиството во Мала Речица:

„Основното јавно обвинителство Тетово поднесе обвинение против вкупно 13 лица за
учество во вооружениот инцидент во Мала Речица на 05.04.2018 година, во кој едно
лице го загуби животот, а неколкумина беа повредени.

Против четири лица е поднесен Обвинителен акт со предлог за продолжување на мерката притвор, со кој едно лице се товари за кривично дело Убиство од член 123 ст.1 од Кривичниот законик и за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 ст.1 од Кривичниот законик. Три лица се товарат за кривично дело Убиство во обид од член 123 ст.1 во врска со член 19 од Кривичниот законик и за кривично дело Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 ст.1 од Кривичниот законик.

Надлежен јавен обвинител до Основниот суд Тетово предложи на тројцата обвинети кои
се лишени од слобода, како и на еден обвинет кој и натаму е во бегство да им биде
продолжен притворот до правосилноста на пресудата против нив.

Против останатите девет лица Основното јавно обвинителство Тетово поднесе
Обвинителен предлог со кој сите се товарат за кривично дело Учество во тепачка од
член 132 ст.1 од Кривичниот законик.

За осуммина обвинети, надлежен јавен обвинител до Основниот суд Тетово достави предлог за определување мерки на претпазливост, додека за едно лице предложи определување мерка притвор до правосилност напресудата, бидејќи станува збор за државјанин на Република Албанија.

Во текот на истрагата, јавниот обвинител утврди дека обвинетите лица биле дел од две
меѓусебно спротивставени групи, кои по претходен договор и заради претходна
меѓусебна нетрпеливост, со возила дошле на местото на инцидентот во Мала Речица.
Петмина, меѓу кои и починатото лице, биле вооружени со пиштоли, по што дошло до
меѓусебна вербална расправија која прераснала во тепачка и употреба на огнено
оружје. Освен пиштоли, во тепачката биле користени бејзбол палки, секира, нож и
други предмети.

Обвинението на Основното јавно обвинителство Тетово​ е поткрепено со прибран опсежен доказен материјал, резултати од поголем број вештачења, анализи на траги од оружје и траги од биолошко потекло, како и обезбедени видео записи од надзорни камери.“

Поврзани новости