„Има материјални докази кои го поврзуваат првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо со убиствата на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски“.
Ова денеска пред почетокот на новото судско рочиште го потврдија обвинителките Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитровска.
Тие првпат дадоа изјава за јавноста од почетокот на судењето, а притоа го коментираа и тврдењето на обвинетиот Влатко Кешишев кој доставил нова изјава во која наведува дека Палевски не бил на местото на убиствата, туку спиел во партијата.
„Оваа изјава нема доказна вредност, а обвинетите ќе имаат можност да дадат своја одбрана во текот на судењето“ изјави обвинителката Стојковиќ Димитровска.
Според обвинението, Кешишев ја одвел полицијата до местото каде биле закопани жртвите и претходно изјавил дека Палевски е сторителот на убиствата. Но, неговата нова верзија го негира тоа тврдење.
Судењето продолжува со испитување на сведоци предложени од Обвинителството, а потоа ќе се разгледуваат материјалните докази кои треба да ја утврдат вината на обвинетите.