По повеќемесечно постапување под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денес од страна на МВР беше спроведена акција на повеќе локации во Куманово и Скопје, информираат од Обвинителството.
-Надлежен јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против деветте лица од кои двајца полициски службеници и петмина царински службеници. Лицата се осомничени дека сториле кривично дело Криумчарење од член 278, а на тројца на товар им се става и кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по чл.215 од Кривичниот законик, информираат од Обвинителството.
Оттаму откриваат дека полицајците и цариниците учествувале во пренесувањето на дрогата.
-Во текот на месец ноември 2021 година четворица осомничени меѓу кои два полициски службеници, како повеќе лица земале учество во неовластено пренесување заради продажба на прекурсори кои во два наврати организирано требало да пренесат стока од царинската испостава Меѓународен Аеродром Скопје до зелениот појас во близина на државната граница помеѓу РСМ и Р.Косово.
Осомничените царински службеници спротивно на нивните службени надлежности и покрај тоа што за пристигнатата стока модулот за управување со ризик при системот СОЦДАД определил црвен канал, што подразбира задолжителен детален преглед со кој ќе се спореди фактичката состојба со декларацијата, не постапиле и не извршиле соодветна контрола со која би ги утврдиле неправилностите. Со ваквото постапување како службени лица овозможиле преку царинска линија пренесување на стоки различни од декларираните, велат од Обвинителството.
Од таму додаваат дека осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд.
-Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ценејќи дека се исполнети условите, ќе му предложи на судот на сите осомничени да им биде изречена мерка притвор. Обвинителството, МВР и Царинската управа продолжуваат со интензивна работа во насока на расчистување на случајот, велат од Обвинителството.