Oбвинителство да истражи од кои причини судии во апелација држеле предмети во фиока, вели Грковска

by Fokus

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во вечерашното гостување на ТВ Сител, оцени дека поранешната претседателка на Судскиот совет Павлина Црвенковска треба да ги пријави лицата за кои вели дека и вршеле притисоци, но и дека очекува и Јавното обвинителство да се заинтересира од кои причини судии во Апелациониот суд држеле предмети во фиока.

„Ако претседател на Судски совет излезе со таква изјава во јавност, јас очекувам да пријави. Нема поента таа изјава, без притоа да се пријави во надлежните институции и уште повеќе да остане член на Судскиот совет. Таквата изјава треба да следи со пријава точно на лицата, да се докаже кој и зошто и на каков начин ги вршел притисоците. Исто како сега што очекувам Јавното обвинителство да се заинтересира од кои причини судиите во Апелациониот суд посочени во извештајот на Судскиот совет држеле предмети во фиока“, порача вицепремиерката Грковска, во вечерашното гостување на ТВ Сител.

Таа нагласи дека за справување со корупцијата се потребни храбри луѓе, луѓе со интегритет кои не се плашат да пријават корупција, кои не се подлежни на какви било влијанија затоа што се убедени во исправноста на нивните одлуки.

„На оваа Влада ќе и беше многу полесно ако состојбите во правосудниот систем беа подобри. Ако тие беа подобри, немаше да се случи Специјалното јавно обвинителство, тоа беше голема надеж за граѓаните, што заврши со фијаско и уште повеќе придонесе за недоверба во институциите. На обвинителите, на правосудниот систем е да покажат и да докажат дека ја вршат работата со интегритет, без разлика за кого станува збор, исклучиво врз основа на законот“, оцени Грковска и додаде дека само на тој начин ќе се врати довербата во правосудниот систем, а граѓаните ќе бидат охрабрени да пријавуваат случаи на корупција.

Поврзани новости