Од Обвинителството информираат дека е отворена истрага за скопјанец кој вчера нападна полициски началник.
-Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека ги сторило кривичните дела – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 и Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, велат од Обвинителството.
Оттаму споделуваат детали за инцидентот.
-Осомничениот 28-годишник, на 23 мај, пред угостителски објект на улицата „Македонско-косовска бригада“ во Скопје, нападнал и телесно повредил полициски службеник – началник на ЕВР Чаир, кој постапувал и вршел контрола на службите на терен во врска со кампањата „Безбедна матурска прослава“. Осомничениот најпрвин вербално му се заканил на полицискиот службеник, а потоа и физички го нападнал, удирајќи го со бокс во пределот на раката. Осомничениот извадил и огнено оружје – пиштол марка „Сиг Сауер“ со калибар 9 мм, со 10 куршуми во рамката, кој го поседувал без дозвола, го репетирал и го вперил кон оштетениот. Еден од другите присутни полициски службеници му ја оттурнал раката, при што осомничениот испукал еден проектил во воздух, а веднаш потоа бил совладан од присутните полицајци, велат од Обвинителството.
Оттаму додаваат дека е побаран притвор за осомничениот, оценувајќи дека постои опасност да се даде во бегство, да влијае врз сведоците или да го повтори делото.