Обвинителот Рајчев за Стаменковски вели дека прави сензации и лаже дека соработувал со него

by Fokus

Барањето за изземање на обвинителот Сашо Рајчев од предметот за сопственикот на парапорталот „Доказ“, Марјан Стаменковски ја одложи денешната јавна седница на Апелација, па истата ќе продолжи во петок.

Дали обвинителот Рајчев ќе биде изземен ќе одлучи републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески. Сепак, Рајчев посочи дека Стаменковски зборува невистина.

„Сметам дека денешното барање за изземање е еден од начините да се одолговлекува постапката и да се прават сензации како што се правеа сензации и во текстовите што тој ги објавуваше секојдневно и кои се предмет на оваа кривична постапка. Ниту го познавам обвинетиот Марјан Доказ, ниту сум имал контакти лични и какви било, ниту сум имал каква било комуникација, така што наводите од негова страна изнесени денеска на денешната седница ги отфрлам како целосно невистинити коишто ги документирав со писмена изјава која што ја доставив до обвинителството и сметам дека денеска даденото барање е еден од начините да се одолговлекува постапката и да се прават сензации како што се правеа сензации и во текстовите коишто тој ги објавуваше секојдневно и коишто се предмет на оваа кривична постапка“ изјави Рајчев.

Тој напомена дека „од денеска изнесените невистини против мене и тие невистини кои упатуваат на клевета согласно позитивните прописи претставуваат основа за поднесување на тужба“.

Претходно во судница, Стаменковски тврдеше дека соработувал со Рајчев на дел од предметите за кои му се суди.

„Барам да се изземе почитуваниот обвинител поради судир на интереси бидејќи, според мои сигурни информации, лицето Сашо Рајчев има праќано информации кои се дел од предметите за што ме судите, но и за предмети за кои претседателот на Вишото јавно обвинителство Мустафа Хајрулахи има барано извинување од мене, но и за други предмети“ – рече Стаменковски.

Првостепената пресуда за сопственикот на парапорталот „Доказ“ беше донесена на 4 април, а покрај затворската казна тој доби и парична од пет илјади евра и забрана во наредните 10 години да врши дејствија поврзани со делата.

Поврзани новости