Обвинителот Незири во трка за шеф на Организиран: Затапен ни е мечот на правдата

by fokus

Скопскиот обвинител Ермон Незири влегува во трката за шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, односно за наследник на Вилма Русковска. Тој е актуелен заменик на шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски.
Незири, вели дека во трката влегува од прилично “комотна“ позиција за подобрување во борбата против корупцијата.

-Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во овој дел е исклучително важно, бидејќи во негова надлежност се огромен број од предметите за кои јавноста е директно заинтересирана и ги следи. Сметам дека за враќање на довербата на граѓаните пресудна е транспарентноста, односно отворената и искрената комуникација со јавноста за сите прашања и за одлуките што ги носиме. Доколку бидам избран на позицијата, ќе се залагам секој јавен обвинител транспарентно да ја информира јавноста за предметите во кои постапува. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не треба во јавноста да се идентификува само со еден или двајца јавни обвинители како досега. Зголемената транспарентност ја зголемува и одговорноста во постапувањето и во крајна линија ќе ни ја врати довербата на граѓаните, вели Незири.

Признава и дека обвинителството треба да ги зачисти своите редови за да ја врати довербата.

-Не само на обвинителските, потребно е прочистување на сите редови од лица кои наместо со извршување на професионалната должност или функција се занимаваат со спроведување лични агенди и интереси. Кога зборувам за институцијата од која доаѓам, знам дека во обвинителството работат врвни професионалци, посветени и одговорни луѓе, на кои навистина им пречи што поединци го нарушуваат нивниот кредибилитет. На таквите поединци мора јасно да им посочиме дека не им е местото меѓу нас. Да завршам, секој мора да си го зачисти сопствениот двор, вели Незири.

Тој ја коментира и неколкугодишната „кавга“ на досегашната шефица Вилма Русковска, со екс директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.

-Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција мора да има одлична соработка со Управата за финансиска полиција, но и со сите други институции надлежни за гонење на криминалот. Без таа соработка нашата борба е залудна, да се изразам фигуративно – “затапен ни е мечот на правдата”. Мора да гарантираме ефикасен кривичен прогон и во исполнувањето на таа цел неминовно сме упатени на меѓусебна соработка. Недозволиво е личните интереси или анимозитети да доминираат над заедничкиот интерес за ефикасна правда, вели обвинителот.

Разговараше: Валентина Вурмо

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости