Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, денеска ги повика земјите-членки да ги „почитуваат“ налозите за апсење издадени против израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант и шефот на военото крило на палестинското движење Хамас, Мохамед Деиф.
„Апелирам до сите земји-членки да ја исполнат својата посветеност на Римскиот статут (договорот со кој беше основан МКС) со почитување на овие судски наредби“, рече Кан.
Претходно денеска, МКС издаде налози за апсење на функционерите, обвинувајќи ги за воени злосторства и злосторства против човештвото во врска со војната во Газа и нападот на 7 октомври минатата година што ја поттикна израелската офанзива на палестинска територија.
Таа судска одлука теоретски ги ограничува патувањата на Нетанјаху, бидејќи која било од 124-те земји-членки на судот ќе биде обврзана да го уапси на своја територија.
„Денес, нашиот колективен ум и внимание мора да бидат насочени кон жртвите на меѓународните злосторства во Израел и државата Палестина“, рече Кан, додавајќи дека истрагата за ситуацијата во Газа продолжува и дека неговиот тим ги испитува „понатамошните линии на истрага во областите под јурисдикција на Судот т.е. Газа и Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим”.
Кан изрази длабока загриженост „за извештаите за ескалација на насилството, дополнително намалување на хуманитарниот пристап и континуираното ширење на информации за меѓународните злосторства во Газа и Западниот Брег“.
Нетанјаху ги нарече налозите за апсење „антисемитски и апсурдни“ и рече дека ги отфрла со „одвратност“.
Од своја страна, Хамас смета дека налозите за апсење на израелските власти се „важен чекор кон правдата“.
Според Израел, Мохамед Деиф бил убиен во напад на 13 јули во јужниот дел на Газа, иако Хамас ја негира неговата смрт.
Против него сè уште беше издаден налог за апсење бидејќи обвинителот на МКС не можеше да утврди дали Деиф е мртов.