Владимир Путин нема да биде поштеден од гонење за воени злосторства доколку доказите сугерираат дека ги извршил, изјави главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Обвинителот на МКС, Карим Кан, кој моментално ги истражува злосторствата извршени на терен во Украина, за Еуро њуз изјави дека ниту претседателската функција нема да му помогне на Путин да остане неказнет.
– Не е одбрана да се повикуваш на наредби на претпоставен, ниту пак официјалната позиција на поединец како генерал, претседател или премиер е основа за имунитет. Нема имунитет за меѓународни злосторства, нема застарени воени злосторства или злосторства против човештвото, изјави Кан.
Наводите за воени злосторства станаа погласни откако Москва во понеделникот изврши ракетни напади во Украина во кои загинаа најмалку 19 луѓе, а 105 беа ранети.
Кан рече дека таквите напади се неприфатливи доколку се утврди дека се вистинити.
„Едно е јасно – не можете намерно да таргетирате цивилни објекти, училишта и болници, цивилни резиденции освен ако не се користат за да се постигне посебна воена предност. Дури и тогаш постои правило за пропорционалност. И тоа е нешто, знаете, применливо, подвлече Кан.
– Ширењето на терор не е дозволено. И тогаш треба да ги гледате работите како дел од севкупниот модел наспроти само еднократните случаи. Меѓународното право сега е порелевантно од кога било поради тензиите меѓу Русија и Западот. Се наоѓаме во многу критичен момент … Во време кога лидерите зборуваат за употреба на насилство, бомби и куршуми. Мораме да застанеме и да размислиме, каде одиме? Но во моментот кога зборуваме за тактичко нуклеарно оружје, тоа е не само зона на самракот, тоа е кошмар. Тоа мораме да го сфатиме крајно сериозно, продолжи Кан.
– Мислам дека законот има своја улога. Тој нема да ги реши сите проблеми во светот, но мораме да се погрижиме да биде релевантен во овие најкритични моменти низ кои минуваат луѓето. Ова не е холивудски филм, изјави обвинителот на МКС за Еуро њуз.
Кан и неговиот тим моментално ги истражуваат воените злосторства во Украина со шест земји од ЕУ во соработка со Евроџаст, агенцијата за правосудска соработка.