Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд бара апсење на Нетанјаху и на лидерот на Хамас

by Fokus

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд – Карим Кан, поднесе барање за издавање налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант, како и лидерот на Хамас за воени злосторства, пренесува Ројтерс.

Кан рече дека има разумни основи да се верува дека Нетанјаху и лидерот на Хамас, Јахја Синвар сносат кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото најмалку од 7 октомври 2023 година.

Тој, исто така, за Си-Ен-Ен изјави дека обвиненијата против водачот на бригадите Ал Касем, Мохамед Диаб Ибрахим ал-Масри и политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Хаје, вклучуваат „истребување, убиство, силување и сексуална злоупотреба во притвор“.

Обвиненијата против Нетанјаху и Галант вклучуваат „предизвикување истребување, предизвикување гладување како метод на војна, вклучително и задржување на снабдувањето со хуманитарна помош, намерно таргетирање на цивили во конфликтот“, рече Кан.

Лидерот на опозицијата во Израел, Јаир Лапид, најавата за можното издавање налози за апсење на Нетанјаху и Галант ја нарече катастрофа, пренесува Ројтерс.

Во обраќањето до својата парламентарна фракција, Лапид изрази надеж дека американскиот Конгрес ќе ја осуди мерката на Меѓународниот кривичен суд.

Како што пренесува „Гардијан“, член на израелскиот воен кабинет и долгогодишен ривал на Нетанјаху, Бени Ганц, ја критикуваше најавата на обвинителот на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, обвинувајќи го за „морално слепило“.

„Да го ставите лидерот на земјата што влезе во битка за заштита на своите граѓани во ист кош со крволочните терористи е морално слеп. Прифаќањето на функцијата обвинител беше историско злосторство“, напиша Ганц на социјалната мрежа Икс.

Висок функционер на Хамас изјави за Ројтерс дека одлуката на Меѓународниот кривичен суд да бара налог за апсење на тројца милитанти на Хамас „ја изедначува жртвата со егзекуторот“.

Портпаролот на Хамас, Сами Абу Зухри, изјави дека одлуката на Меѓународниот кривичен суд го охрабрува Израел да продолжи со својата „војна за истребување“ во Газа.

Поврзани новости