Обвинителот Љубомир Лапе истакна дека е затекнат од денешната одлука на судот, бидејќи реши да не донесе пресуда за случајот „Тортура“, туку одлучи да го преотвори случајот.
-Очекував осудителна пресуда и сум затечен од оваа одлука. Јас се консултирав со колеги, по новиот ЗКП, еве и тие не наведоа ваква судска пракса. Судот не не задолжи со насоки, но очекувам дека тоа ќе биде сторено во писменото образложение. За мене е јасно што се случило, затоа и сум останал на обвинението, но да го почекаме решението на судот, истакна обвинителот Лапе.
Судијката Александра Ристоска претходно, на закажаното рочиште за изрекување на пресуда, појасни дека во целост не е јасно кој од обвинетите какво дело превзел и со колкав интензитет и обем го превзел, поради што неопходно било повторно отворање на постапката, поради што закажа рочиште за 8 јуни.
Предметот „Тортура“ го отвори поранешното СЈО, а се однесува на начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011, ден по парламентарните избори. Обвинети се екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, и шестмина припадници на поранешната единица „алфи“.