Денешното судско рочиште за случајот „Тортура“, односно за нечовечкото апсење на Љубе Бошкоски во 2012 година, се одложи бидејќи еден од обвинетите, Петар Милошевски, не се појави во судница.
Неговиот адвокат, Петар Василев истакна дека обвинетиот бил на двонеделно боледување, поради повреда на ногата.
Обвинителот Лапе откако ја разгледа медицинската документација забележа дека пишува контрола за две недели, но не и боледување. Сепак рочиштето се одложи.
Во судница не се појави ниту сведокот Иво Котески, поранешниот портпарол на МВР.
-Судот се обрати преку полициската станица Центар, од каде добивме известување дека не го пронашле на домашна адреса. Судот повторно се обрати до полициската станица но не добивме одговор, рече судијката Александра Ристеска.
Токму затоа судијката го праша обвинителот Љубомир Лапе каде можат да го пронајдат сведокот, дали имаат информација каде работи, но обвинителот стана и истакна дека го повлекува предлогот Котески да сведочи.
Иво Котевски, поранешниот портпарол на МВР, беше повикан за сведок по предлог на СЈО, бидејќи во доказната постапка беше објавен негов телефонски разговор со тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Од разговорот се слушна како Јанкулоска му кажува на Котевски да не ги пуштаат снимките на кои се гледа насилното приведување на Бошкоски, бидејќи тој претходно ја информираше дека постоела снимка каде обвинетиот Ивица Антевски-Пуки му ставил пиштол во уста на Љубе.
В.В.