Гостиварскиот обвинител Арсим Адеми денеска не ја доби поддршката од членовите на Советот за јавни обвинители, за да биде избран во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Тој важеше за кандидат за кој се шпекулираше дека ќе стане дел од Обвинителството на Вилма Русковска, но тука беа и написите во медиумите, кој потсетуваа дека тоа е обвинителот кој се спогоди со Зоран Милевски Кичеец, односно даде согласнос Кичеец да лежи 6 месеци затвор за сообраќајката кај Стража, во која загина едно лице.
Исто така, за него е отворена постапка во Антикорупциска, која испитува дали имало корупција при спогодување меѓу Адеми и Кичеец.
Инаку Адеми беше оценет со највисоки 25 бода, од вишиот јавен обвинител од Гостивар, но сепак за него гласаа само тројца од 10 членови на Советот. Поточна за негов избор гласаа само членовите: Фаик Арслани, Арбер Исаку и Коле Штерјев.
Сепак обвинителот Адеми може да добие нова шанса во јуни, кога ќе треба да се изврши нов избор на уште четворица обвинители во Организиран.
На денешната седница беа избрани обвинителите: Марија Ѓорѓева, Валентина Беслимовска, Енѓелуше Кадриу -Леши, Ивана Трајчева и Сузана Мирческа-Кузмановска. Поточно, на обвинителството, каде што е шефица Вилма Русковска, ќе му се приклучат обвинителите кои и досега беа дел од ова обвинителство, но мандатот им заврши во февруари. Тие добија нов мандат од 4 години.
В.В.